Почитувани припадници на Командата за операции,
Нека Ви е честит и вековит Денот на командата
Драги гости,
Дами и господа,
Чест е да се обратам на Денот на Командата за операции во годината кога државата оствари една стратегиска цел, еден стремеж на кој неуморно работевме од првата година на самостојноста.
Почитувани припадници на командата,
Потсетувајќи се на важен настан од нашата историја со гордост констатираме дека Командата за операции успешно се справува со предизвиците на современиот колективен систем за одбрана и е носител на традициите на Кресненското востание кои ги негувате и надградуваме како постојана обврска.
Покрај предизвиците пред кои се уште сме исправени, се уште актуелната состојба на јужната граница и здравствената криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19, успешно го спроведуваме процесот на трансформација на Армијата и интеграција во Алијансата.
Вашите команди и единици со успех ги реализираат сите поставени задачи со висок степен на професионализам, за што сум одобрено горд како еден поранешен ваш припадник.
Очекувам задачите кои претстојат да ги реализирате во целост, со континуирано залагање во работата, мотивираност, чесност, тимска работа, лојалност и ефикасност.
Заедно ќе ги оствариме националните интереси и ќе го исполниме она што од нас се очекува.
Да живее Армијата на Република Северна Македонија!
Благодарам.
Почитуван Претседател и Врховен командант на вооружените сили на Република Северна Македонија, Почитуван претседател на владата, Почитувана Министерка за одбрана, Почитувани амбасадори, генерали, претставници на воено дипломатскиот кор, драги гости, дами и господа.
Чест и задоволство е да Ви изразам благодарност за Вашето присуство на денешната свеченост по повод денот на Армијата на Република Северна Македонија.
Денес го одбележуваме 28-от роденден на Армијата, но и прва година како полноправна членка на НАТО, за што сме особено горди.
Ја користам оваа прилика од името на сите припадници на Армијата и од свое лично име да им се заблагодарам и изразам признание на сите, поранешни и активни воени и цивилни лица од Армијата и Министерството за Одбрана, кои со напорна работа придонесоа во градењето, развојот и интеграцијата на Армијата во НАТО, во изминатите 28 години.
Секоја генерација даде свој придонес и остави белег во развојот на Армијата. Да бидеме горди на достигнувањата, затоа што сите заедно успеавме, и покрај сите предизвици во минатото, да станеме дел од најмоќната воена алијанса во историјата на човештвото. Тоа е огромен успех на сите поранешни и сегашни припадници на Армијата.
Сите ние, кои бевме вклучени во градењето и развојот на Армијата од самото осамостојување до денес, имаме одговорност и патриотска должност, со нашето лидерство, знаење и искуство да ги воспоставиме процесите за целосна интеграција на нашата Армија како полноправна членка во НАТО. Членството во НАТО е привилегија и бенифит на демократските општества, но кредибилна и почитувана членка ќе бидеме само со почитување на демократските вредности, лојалност кон сојузништвото, солидарност и спроведување на националните обврски.
Почитувани сојузници и партнери,
Денес на овој свечен собир од името на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија би сакал да искажам благодарност за дадената огромна поддршка и помош, особено во образованието и обуката на персоналот и опремувањето на Армијата, на нашите стратешки сojузници: САД, Турција, Италија, Германија, Хрватска, Словенија како и останатите сојузници и партнерски земји, за помошта во рамки на можностите.
Ви изразувам длабока почит за се што направивте за нашата Армија, во изминатите 28 години и продолжувате да го правите и денес.
Почитувани гости,
Армијата од самото формирање до денес, посветено работи и придонесува во интерес на одржувањето на добрите меѓусоседски односи и градење на доверба во регионален и добрососедски контекст.
Република Северна Македонија, почнувајќи од овој месец, ќе биде домаќин на седиштето на командата на СЕЕБРИГ, што за нас претставува голема чест и привилегија, имајќи во предвид дека оваа иницијатива за формирање на Мултинационални Мировни сили на Југоисточна Европа (од која произлегува СЕЕБРИГ) е формирана кај нас, во Скопје во далечната 1998 година. На командантите на СЕЕБРИГ и на штабот им посакувам топло добредојде.
Да бидеме домаќини, уште еднаш потврдува дека како држава и Армија придонесуваме кон градењето и одржувањето на добри меѓусоседски односи, регионалната безбедност и стабилност, и придонесуваме кон мирот и безбедноста во светот.
Почитувани војници, старешини и цивилни лица во Армијата,
На овој ден, пред две години во својот говор како нов Началник на Генералштабот на Армијата дадов сериозно ветување дека, пожртвувано и напорно ќе работам на подобрувањето на животниот стандард и на условите за живот и работа на сите припадници на Армијата како и одржување на борбената готовност.
Денес, со гордост можам да кажам дека многу постигнавме, но имаме уште многу да направиме. Ги обезбедивме неопходните достоинствени работни услови за сите Вас, за Вие да можете уште пофокусирано да работите во остварување на нашите зададени цели, кои секогаш се во служба на граѓаните.
Единствени сме со најголема доверба и поддршка кај граѓаните во нашата држава во континуитет, за што сум особено горд на сите вас. Довербата и поддршката за нас претставува признание и препознатливост на граѓаните за нашата посветеност и професионализам, базирана на морал и етика во нашата работа, но и обврска да продолжиме по вистинскиот пат.
Почитувани припадници на Армијата,
Се соочуваме со невидлив непријател и целосно се ангажираме во поддршка на националниот безбедносен систем во борба со пандемијата. Армијата секогаш и секаде ќе се ангажира доколку за тоа има потреба. Впрочем, основна задача на Армијата е гарантирање на мирот, безбедноста и здравјето на граѓаните и поддршка на институциите во земјата.
Не знаеме колку ќе трае оваа криза, да се надеваме што побрзо да заврши. Ќе продолжиме да се справуваме со пандемијата и со сите предизвици каде вооружените сили можат да помогнат. Република Северна Македонија е демократска земја со јасни и прецизни функционални овластувања и надлежности во одбранбениот сектор. Имаме поддршката на граѓаните и државното раководство, силата ја црпиме од професионалноста, посветеноста во работата, искуството и знаењето. Затоа сакам да порачам до сите граѓани без оглед на националната и религиска припадност но и било какви идеолошки убедувања, Армијата е на сите вас, во неа имате вистински пријател и искрен сојузник кој никогаш нема да ве изневери.
Почитувани гости,
Времетраењето на оваа криза, најверојатно ќе влијае на започнатите проекти и планови. Како припадници на Армијата, имаме разбирање за економските ефекти и последици од пандемијата, кои следствено би се рефлектирале на можниот развој и модернизација на Армијата. Верувам и посакувам да се обезбедат стабилни ресурси и фондови, да продолжиме според планираното, без значајни промени и ревизии на проектите и плановите.
Во периодот кој претстои како Началник на Генералштабот, приоритетите ќе ги насочам на безбедноста, здравјето и благосостојбата на сите Вас, како и нашите граѓани но и на: поддршка на националниот безбедносен и здравствен систем во справувањето со пандемијата; трансформација на Армијата согласно новата формациска структура, по принципот: вистински луѓе на вистински места; опремувањето и модернизацијата; завршување на процесот за целосна интеграција во НАТО и доследно спроведување на националните обврски како полноправна членка на НАТО.
На крај, Ќе завршам со еден цитат од еден наш голем пријател, поранешен Началник на Генералштабот на ВС на САД и поранешен државен секретар, генералот Колин Пауел, кој вели (парафразирам):
„Нема тајни во успехот! Успехот е резултат на темелна подготовка, напорна работа и учење од сопствените грешки и падови!
Продолжуваме мотивирани, проактивни и креативни во остварување на нашите цели!
Да живее Армијата на Република Северна Македонија! Ви благодарам.
18.08.2020
Почитувана заменик претседател на Владата и Министер за одбрана г-ѓа Шекеринска,
Почитуван заменик претседавач на НАТО Воениот Комитет, генерал-полковник Стивен Шепро,
Почитувани генерали, адмирали, офицери,
Дами и господа,
Почитувани гости,
На почеток ви посакувам топло добредојде и би сакал да ви заблагодарам за вашето присуство на оваа посета која за нас е многу значајна. Во наредните два дена ќе ви претставиме дел од активностите кои Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана ги превземаат со цел исполнување на условите за прием во НАТО.
Оваа посета од страна на претставници на НАТО Воениот комитет е прва од таков вид во Република Македонија од нејзиното осамостојување. Таа претставува уште една значајна потврда за важноста на нашата земја во однос на мирот и стабилноста во регионот и пошироко, и во исто време тоа е потврда дека сме на вистинскиот пат.
Армијата на Република Македонија е цврсто решена да ги исполни критериумите за приклучување кон НАТО, и ние неуморно работиме за нашата земја да стане полноправна членка на Алијансата.
Во изминатите години Армијата на Република Македонија стои рамо до рамо со армиите на земјите членки на НАТО во многу меѓународни мировни операции. Од почетокот на годинава Армијата на Република Македонија го зголеми учеството во операциите надвор од границите на земјата за 20%.
Наша цел е во иднина да го зголемиме овој процент. До сега, околу 4,000 припадници на армијата биле дел од меѓународните мировни операции. Придонесот кон мировните операции е наш најголем приоритет.
Во исто време, би сакал да нагласам дека припадниците на АРМ постојано земаат учество во голем број вежби, обуки и размена на иксуства заедно со армиите на земјите членки на Алијансата. Сите овие активности придонесуваат нашата армија да ги достигне и задржи НАТО стандардите.
Почитувани,
Ние активно продолжуваме да работиме на реформите во армијата кои ќе придонесат за поголема професионалност и подготвеност.
Исто така уште еднаш би сакал да напоменам дека новиот Стратегиски одбранбен преглед веќе е усвоен и со неговата имплементација Армијата на Република Македонија ќе биде трансформирана во мала, компактна и флексибилна армија која ќе може да одговори на предизвиците со кои се соочува Алијансата, зедно со нас.
Партнерството и соработката се долготраен процес кој треба постојано да се гради и одржува. Секако патот кон успехот не е лесен, исто како и нашата професија, но искуствата од минатото, решителната посветеност и истрајноста не прават појаки.
Во наредниот период, Армијата на Република Македонија е подготвена да започне со приоритетите на целите за развој на капацитетите и исполнување на сите задачи што ќе се појават пред нас. Со целосна поддршка и синхронизирана акција со Министерството за одбрана, ќе ја спроведеме модернизацијата и оптимизацијата на армиските ресурси за постигнување целосна интероперабилност. Со континуирано подобрување на буџетот и консолидиран план за опремување, ќе и овозможиме на Армијата на Република Македонија да располага со современи средства и опрема потребни за декларираните единици, како и современи комуникациски системи кои ќе ја подобрат безбедноста во сајбер просторот.
Работевме напорно, придонесовме кон градење на мирот во светот и борбата против тероризмот, нашата посветеност и определување е полноправно членство во НАТО Алијансата и добри односи со вашите ценети земји. Јас верувам дека ова е патот кон успехот.
Ви благодарам за вниманието.
07.11.2018
Почитувани претставници на медиумите,
За првпат по нашето осамостојување и долготрајниот изоден пат кон постигнување на нашата декларирана цел, Армијата на Република Македонија и Република Македонија се домаќини на највисокото воено советодавно и најстаро перманентно тело во НАТО – Воениот комитет на НАТО Алијансата. Тоа е показател за отворениот и искрен пристап на НАТО Алијансата, како и за подготвеноста и отворената поддршка од сите земји-членки за нашата стратешка определба за полноправно интегрирање во најмоќниот воен сојуз на денешницата, како нивен полноправен член.
Почитуван заменик-претседавач со ВК на НАТО, генерал Стивен
Денес имавме можност да го презентираме достигнатото ниво во реформите кои Армијата на Република Македонија ги реализираше. По нивното завршување ќе обезбедиме уште поефикасна професионалност и подготвеност во нашите редови, додека пак преку целосната имплементација на Стратегискиот одбранбен преглед ќе имаме мала, компактна, интероперативна армија која ќе може да одговори на сите предизвици кои ќе стојат пред нас.
Во текот на утрешниот ден, ќе имате можност при посетата на касарната „Илинден“ да се уверите во професионализмот и вештините кои ќе ги демонстрираат припадниците на армијата. Нивното залагање и ентузијазмот во покажување на наученото ќе ви покажат дека Армијата на Република Македонија е подготвена да биде дел од НАТО. Нивното долгогодишно учество во мисиите предводени од НАТО и научените лекции од учеството на многубројните меѓународни вежби се доказ дека офицерите, подофицерите и професионалните војници на армијата се целосно интероперабилни со нивните колеги од земјите на Алијансата и дека со приемот во НАТО ќе добие уште еден верен сојузник на кого, како и досега, ќе може да се потпре.
Ние во континуитет работиме во насока на исполнување и одржување на веќе постигнатите стандарди и критериуми за членство во НАТО, а со поддршка на земјите-членки на Алијансата убеден сум дека многу скоро ќе бидеме дел од НАТО семејството.
Почитувани,
На воените претставници на Воениот комитет на НАТО им благодарам на посетата, на искажаната искрена и континуирана поддршка кон нашето приклучување во НАТО, кое на нашата држава и овозможува споделување на обврските и одговорностите со новите безбедносни предизвици, а со тоа и поголема безбедност во целина.
Ви благодарам!
06.11.2018 – хотел Мериот во Скопје
Почитувана министерка и заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, госпоѓа Радмила Шекеринска,
Почитувани припадници на Здружената оперативна команда,
Драги гости и претставници на медиумите,
Дами и господа,
Ми претставува чест и задоволство да се обратам на овој свечен чин по повод одбележувањето на денот на Здружената оперативна команда, команда и воен колектив кои ја претставуваат движечката сила на армијата на Република Македонија.
Здружената оперативна команда во своето досегашно постоење даде непроценлив придонес во изградбата на модерен систем за обука и во развојот на своите потчинети единици, а со тоа остави особен белег и во севкупните одбранбени процеси.
Воспоставените високи стандарди во обуката, и добиените бројни признанија за постигнатите успеси на вежбите и мисиите, но и ангажирањата во справувањето со непредвидените природни непогоди ја оправдуваат целосно довербата не само кај военото и државното раководство, туку и пред се кај граѓаните на Република Македонија.
Почитувани припадници на Здружената оперативна команда! Со вашите достигнувања и успеси ја збогатувате историјата на армијата на Република Македонија. Сите успеси на здружената оперативна команда ги чувствувам со лично задоволство, како поранешен нејзин припадник и командант.
Досегашните наши искуства и резултати кои се достојни за почит, се доказ дека сме во потполност интероперабилни и достојни во извршувањето на сложените задачи, рамноправно со припадниците на армиите кои се во составот на алијансата.
На денешниот свечен момент би сакал да посочам дека сега кога сме во завршната фаза за пристапување во НАТО алијансата сите треба максимално да придонесеме со мотивираност, резултати, креативност и пожртвуваност интеграцијата во НАТО алијансата да стане реалност.
Припадници на Здружената оперативна команда од вас очекувам со максимално залагање во работата, мотивираност, чесност, тимска работа и лојалност со исполнувањето на вашите многубројни обврски, таа шанса заедно ќе ја искористиме
На крај да не го изоставиме сеќавањето на овој значаен датум од македонската историја, на кој вие сте горди носители на традициите. Датум кога во 1878 година со кренатото „македонско востание“ се отпочна тежнеењето да се оствари она што денес го имаме и кое како наша обврска треба го негуваме и надградуваме.
Почитувани!
Заедно да продолжиме со напорна и макотрпна работа која бара голема посветеност, пожртвуваност и одрекнувања да ги остваруваме зацртаните национални интереси и да го исполнуваме она што од нас се очекува.
Да живее Aрмијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!
Ви благодарам.
17.10.2018
Почитуван Претседател и Врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, почитувани потпретседатели на Владата на Република Македонија, почитувана Министерка за одбрана, почитувани пратеници во Собранието и членови на Владата на Република Македонија, почитувани генерали, војници, старешини и цивилни лица во Армијата и припадници во Министерството за одбрана, почитувани гости, дами и господа.
Ми претставува голема чест, денес на денот на Армијата на Република Македонија да Ви се обратам како нов, единаесетти Началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.
Најнапред би сакал да изразам благодарност до Врховниот командант на вооружените сили и Претседател на Република Македонија за укажаната доверба и чест, да ја раководам и командувам Армијата на Република Македонија.
Ценети присутни, високата доверба од граѓаните на Република Македонија кон нашата Армија не е случајна. Истата се должи на посветена работа, ред и дисциплина во континуитет. Нашите граѓани знаат дека Армијата како организирана и дисциплинирана структура, секогаш била со народот, при што соодветно делувала, особено во сложени историски моменти за нашата татковина.
Како Началник на генералштабот го уверувам државното раководство, вас присутните на денешната свеченост и сите припадници на Армијата дека со целото свое знаење, искуство и професионализам ќе обезбедам највисок степен на борбена готовност на нашата Армија, за справување со сите предизвици, со цел граѓаните на Република Македонија да бидат спокојни и безбедни.
Војници, старешини и цивилни лица во Армијата, Вие знаете дека со вас ги споделував среќните и тажните моменти на офицерската професија. Всушност секогаш ве доживував како дел од семејството. Никогаш не ве заборавив и не ги изневерив вашите очекувања и потреби. Бидете уверени дека така и ќе продолжи. Сите вие сте нечии синови и ќерки, татковци и мајки, кои извршувате благородна должност за одбрана на земјата и служите за потребите на граѓаните. Сите извршувате мошне сериозни и високо ризични активности, различни видови обуки и борбени мисии во странство. Оттука мојата грижа и одговорност за Вас и севкупните состојби во Армијата е најголема.
Од Вас очекувам и барам совесно и одговорно да ги извршувате поставените задачи. Безбедноста, вашите животи и здравје, но и унапредување на моралот и борбената готовност, ќе бидат приоритети и општа визија за моите заложби и побарувања. Основни принципи со кои ќе се раководам во носењето на одлуки ќе бидат стручноста, компетентноста и резултатите во работата. Нашите државни и стратешки цели се јасно детерминирани: Република Македонија членка на НАТО и Европската унија.
Ние припадниците на Армијата сме горди поради фактот дека сме двигател на интегративните процеси во НАТО во нашето општество, повеќе од 20 години. Затоа оттука сакам да истакнам дека стандардите кои се јасно дефинирани во НАТО, мора да се спроведуваат и во нашата Армија, во што ќе бидам бескомпромисно истраен. Длабоко верувам дека само со доследно и принципиелно спроведување на утврдените стандарди и критериуми можеме да одржиме висок морал и борбена готовност, а истовремено бидеме респектабилен член на НАТО алијансата.
Припадниците на Армијата се чесни, морални, стручни и високо посветени на Армијата и државата. Со една реченица патриоти во вистинска смисла на зборот. Оттука природно и разбирливо е што посакуваме и заслужуваме да имаме квалитетна и софистицирана опрема, како што ја поседуваат нашите партнери и сојузници, која впрочем е неопходна и за заштита на животите и здравјето. Свесни сме за севкупните односи и состојби во нашата држава, но и дека понекогаш потребите ни се големи, а можностите скромни.
Припадници на Армијата на Република Македонија,
Не очекува макотрпна и посветена работа, согласно највисоките НАТО стандарди. Кон крајот на оваа година ќе започнеме со имплементација на новата организациско формациска структура на Армијата, произлезена од Стратегискиот одбранбен преглед. Мојата визија е јасна и недвосмислена, вистински луѓе на вистински места, исклучиво оспособени според највисоките НАТО стандарди, применети во нашата армија.
Согласно овие принципи за секој ќе се обезбеди соодветно место во новата структура на армијата. Армија која ќе ја раководат и командуваат на тактичко, оперативно и стратегиско рамниште искусни, проверени и докажани лидери. Кодексот на однесување , хиерархијата и субординацијата на односите, нас припадниците на армијата не научиле и воспитале како професионалци да имаме разбирање за состојбите и можностите на државата. Во оваа прилика Ве уверувам дека така и ќе остане. Ќе продолжиме да ги извршуваме секојдневните задачи со постоечките средства, со кои што располагаме, секако со верба и очекување на подобрување на материјалниот фактор за извршување на задачите.
Почитувани присутни, моето денешно обраќање ќе го завршам со две пораки од историски цитати на двајца големи лидери, премиерот на Велика Британија, Винстон Черчил и претседателот на Соединетите Американски Држави, Џон Кенеди.
Со првата порака како Началник на Генералштабот би го парафразирал Черчил, за да ги известам и уверам нашите претпоставени во следното : Обезбедувајте ни услови и средства, а ние припадниците на Армијата знаеме, можеме и ќе ја извршиме секоја задача.
Со втората порака, со еден цитат од инаугуративниот говор на претседателот Кенеди, во 1961 година, би се обратил до припадниците на Армијата на Република Македонија:
Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, не прашувајте се што Вашата земја Република Македонија може да направи за Вас, запрашајте се што вие можете да направите за вашата земја, Република Македонија.
Да живее Армијата на Република Македонија,
Да живее Република Македонија.
Ви благодарам.
17.08.2018