„Балкански блесок 2010“

На армискиот полигон „Криволак“ во рамки на вежбата „Балкански Блесок 2010“ денеска се одржа Денот за високи гости, при што беше изведена тактичка вежба со бојно гаѓање „засилен механизиран пешадиски баталјон во напад“.

 

На вежбата покрај механизираниот пешадиски баталјон од составот на првата механизирана пешадиска бригада, учествуваше и борбениот хеликоптерски сквадрон (Ми-24) од составот на воздухопловниот ВИНГ, артилериско-ракетната батерија од составот на самоодниот артилериски баталјон и единици за логистичка поддршка. Покрај практичната примена на тактиките и процедурите за изведување на офанзивни борбени дејства, на „Криволак“ тие ја демонстрираа нивната обученост во извршување на различни гаѓања од пешадиско и артилериско вооружување, а низ програмско гаѓање прикажаа и блиска воздушна поддршка на механизираниот пешадиски баталјон.

 

Директорот на вежбата Митре Стојанов информира дека во вежбата учествувале 1.200 учесници, а потрошени биле големи количини боева муниција и ангажирани над 200 моторни возила и друга воена техника. На вежбата присуствуваа и претставници од 13 земји-членки на Партнерство за мир и земји-членки на НАТО.

 

„Сите планирани активности на вежбата се целосно реализирани, а целта е да се постигне и финалната оценка која е очекувана дека ќе биде позитивна“, оцени Стојанов, подвлекувајќи оти оценувачкиот дел го реализираат тимови од АРМ, еден тим за копнениот дел и другиот за военото воздухопловство.

 

Министерот за одбрана Зоран Коњановски, кој беше присутен на Криволак, потенцира дека Република Македонија е подготвена уште денеска да биде полноправна членка на НАТО.

 

„Видовме организираност, моќ, одговор на она што значат реформи. Честопати зборувавме, но денеска видовме што значат успешно спроведени реформи во едно Министерство за одбрана односно АРМ. Како граѓанин на Република Македонија сум горд што можев да го видам ова од припадниците на АРМ“, изјави Коњановски.

 

Тој нагласи дека денешните вежбовни активности имаат за цел оценување на среднопешадискиот баталјон и на две чети од ренџерскиот баталјон, полкот за специјални операции, воената полиција и хеликоптерскиот детачмент.Според него оценките ќе бидат исклучително добри.

 

Министерот за одбрана појасни дека вежбовната активност ја планирале веќе една година, а вакви активности, најави, ќе има и за другите единици кои ќе бидат сертифицирани за учество во мировните мисии надвор од Република Македонија.

Началникот на ГШ на АРМ Мирослав Стојановски кој ја проследи вежбата им порача на сите учесници и присутни дека е горд на сите припадници на АРМ за се она што во изминатите денови, месеци и години го демонстрирале и го постигнале.

 

„Ова е процес што трае долго време. Денеска можевме да се увериме во сите вештини со кои располагаат припадниците на единиците кои беа вклучени во оценувањето. Прерано е да се носи заклучок околу тоа какви ќе бидат оценките, меѓутоа врз основа на претходното и она што денеска го покажавме сметам дека оценките ќе бидат позитивни и декларираните единици ќе го добијат потребниот сертификат за учество во мисиите надвор од Република Македонија“, изјави Стојановски.

 

Од 24 октомври до утре на Армискиот полигон „Криволак“, во Центарот за обука Пепелиште, во касарните „Илинден“ во Скопје и „Јане Сандански“ во Штип, и на аеродромот Петровец се изведува вежбата „Балкански блесок 2010“.

 

Сценариото на вежбата „Балкански блесок 2010“ беше без намера да претстави некое постоечко или некоја постоечка светска ситуација или, пак, некоја планирана ситуација. Според сценариото, настаните се случуваа во фиктивна земја Камберија која се наоѓа во јужноморскиот регион. Камберија е држава составена од две провинции со вкупно население од три милиони жители. Со Уставот од 1995 година е конституирана како нова демократска земја, со не многу силна централна власт, а во периодот на транзиција со длабоки социјални и политички поделби. Целта на мисијата на вежбата беше да се спречат какви било насилства помеѓу двете страни и да се обезбедат услови за враќање на раселените лица.

 

Истата претставува континуитет на вежбите „Македонски блесок“ и во текот на неа се извршува НАТО-оценување НИВО 2 - KREVAL. На вежбата учествуваат над 1.200 припадници од Армијата на Република Македонија, а главни учесници се декларираниот среден пешадиски баталјон од првата механизирана пешадиска бригада, декларираната чета на воената полиција од батолјонот на воената полиција, декларираната чета за длабинско набљудување од полкот за специјални операции, како и декларираниот хелихоптерски детачмент од воздухопловниот ВИНГ.