Историја на АРМ


2008


АРМ учествува во мисиите „Слобода за Ирак“ во Ирак, „ИСАФ“ во Авганистан, мисијата „АЛТЕА“ во БиХ и во мисијата УНИФИЛ во Либан.

 

Оваа година беше последната во мисијата „Слобода за Ирак“. АРМ, предводена од САД партиципираше од 2003 година со вкупно 11 извршени ротации, или вкупна бројка од 490 лица воен персонал. Иницијалниот придонес со еден вод за специјална намена во 2008 година беше дополнително зајакнат со уште еден вод.

 

На 12-ти јануари во 12.00 часот при враќање од мисијата „АЛТЕА“ во БиХ во местото Блаце, Р. Македонија се случи хеликоптерска несреќа во која животот го загубија 11 припадници на АРМ.

 

Во домот на АРМ на 15-ти февруари се одржа церемонија за постхумно почесно прогласување на почесни ветерани на единаесет трагично загинати припадници на АРМ во хеликоптерската несреќа кај Блаце.

 

На 26-ти и 27-ми март се одржа заедничка штабна симулациска вежба под името „Поплава–08“ во која учествуваа Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и претставници на други министерства во Владата на Република Македонија.

 

Оваа година беше организирана вежбата „Македонски блесок 03“ на која е извршено самооценување НИВО-I според Концептот за оперативни способности на декларираните единици на ЗОК (среден пешадиски баталјон од 1.мпбр и декларирана чета од бВП).

 

Организирана и реализирана е вежба „Македонски блесок 04“, вежба на специјалните единици на земјите-членки на групата А-3, со учество на тимови за специјални операции од ВС на Република Македонија и Република Албанија, додека Република Хрватска учествуваше со набљудувачи. Како набљудувачи на вежбата присуствуваа и претставници на ВС на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. На оваа вежба е извршено НАТО оценување НИВО-1, според Концептот за оперативни способности на декларираните единици на ЗОК (среден пешадиски баталјон од 1.мпбр, хеликоптерски детачмент од вВИНГ и декларирана чета од бВП).

 

Во период од 26-ти до 30-ти мај на територијата на Република Македонија беше реализирана мисија за обука според меѓународниот договор „Отворено небо“ во соработка со С.Р. Германија и Р. Унгарија.

 

На 17-ти јули во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод завршувањето на учеството на хеликоптерскиот детачмент на АРМ во мисијата „АЛТЕА“ во БиХ.

 

По повод денот на независноста на Република Македонија, 8-ми Септември, во рамките на „Охридскиот атлетски маратон“, кој се одржува секоја година во Охрид, се одржа Првиот воен атлетски маратон.

 

Во касарната „Илинден“ во Скопје на 19-ти септември се одржа свечено отварање на воената вежба „Јадрански орел 08“ на кој учество земаа припадниците на специјалните единици на Армиите на Јадранската група.

 

На 7-ми ноември во Домот на АРМ во Скопје се одржа церемонија за постхумно доделување на „Медал за служба на Европската безбедносна одбранбена политика“ кои беа доделени на семејствата на загинатите припадници на АРМ.

 

Грција примени вето за поканата за членство на Македонија во НАТО за време на Букурешкиот самит во април. Македонија беше изоставена од напредокот на таканаречената Јадранска повелба, бидејќи Хрватска и Албанија добија покана за членство во НАТО.

 

Во 2008 година се воспостави стратегиското партнерство со САД. Со ова се создадоа услови за уште посилна поддршка на Република Македонија во подготовките за членство во НАТО, особено во делот на едукацијата на офицерите, обуката, опремувањето на АРМ и заедничкото учество во меѓународни операции.


1 2 3 4 5 6 7 8 9 10