Историја на АРМ

1992

14 февруари – Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за одбрана на Република Македонија (Службен весник на РМ, број 8 од 15 февруари 1992 година).

21 февруари – Во Скопје е склучен договор меѓу претседателот на РМ Киро Глигоров и заменикот на сојузниот секретар за народна одбрана на СФРЈ Благоја Аџиќ за дислокација на ЈНА од територијата на Република Македонија.

11 март – Постариот водник Сонко Ангеловски, за прв пат на македонски јазик, ја прими должноста командир на караулата “Рамна нива” на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Истиот ден се преземени и караулите “Рамна нива” и “Коприва”.

17 март – При пречекот на делегацијата на Република Словенија на чело со претседателот Кучан, за прв пат при пречек на висок гостин беше интонирана македонската државна химна “Денес над Македонија се раѓа”, првпат беше построена Почесната единица на АРМ со македонско државно знаме и за првпат командантот на почесната единица, полковникот Стефан Лазаревски, на македонски јазик му рапортираше на еден претседател кој допатувал во официјална посета на Република Македонија.

20 март – Заврши примопредавањето на граничните објекти – караули на Република Македонија со соседните држави: Бугарија, Албанија и Грција.

26 март – Во Скопје е преземен последниот и најголем воен објект на Македонија касарната “Маршал Тито”, денес “Илинден”.

27 март – Република Македонија ја презеде контролата над сета своја територија со своја војска. За ова е потпишан договор во Скопје меѓу претседателот на РМ Киро Глигоров и генералот на ЈНА Никола Узелац. Со тој чин, всушност, од Република Македонија замина и последниот војник на ЈНА.

14 април – Во гарнизонот во Охрид пристигна првиот регрут, припадник на Армијата на Република Македонија. Тоа беше велешанецот Панче Јамандиев, роден во 1970 година.

15 април – Во касарните во Скопје, во Штип и во Битола пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на Армијата на Република Македонија.

17 април – Во Скопје, тогашниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров ја откри новата натпис-плоча на Домот на Армијата, на кој пишува: “Република Македонија, Дом на Армијата – Скопје”. Со тоа на симболичен начин беше одбележано доаѓањето на првите регрути на Армијата на Република Македонија и на нејзиното воено осамостојување.

9 мај – Во касарната “Маршал Тито”, денес “Илинден”, првата класа регрути од регрутниот состав на Армијата на Република Македонија ја даде својата свечена обврска. Следните денови македонските регрути свечена обврска дадоа и во другите касарни на Републиката.

19 мај – На граничниот премин Меџитлија, кај Битола, на границата со соседна Грција, е извршено менување на дотогашните државни ознаки со македонски, а следниот ден и на граничните премини Богородица и Дојран.

28 мај – Собранието на Република Македонија го донесе законот за преминување на државната граница и преминување на државниот појас. (Сл.весник на РМ бр.36/8 од 8 јуни 1992 година).

24 јули – Во Скопје, во издание на Министерството за одбрана на Република Македонија, е промовиран првиот број на списанието “Одбрана”.

27 јули – Во Скопје, во чест на започнувањето на курсот за дообука, во касарната “Кузман Јосифовски – Питу” е одбележан почетокот на високото воено школство во Република Македонија.

1993

3 јуни – Владата на Република Македонија донесе одлука со која 18 август, денот на формирањето на баталјонот “Мирче Ацев” во 1943 година, го прогласи за Ден на Армијата на Република Македонија.
18 август – За прв пат е прославен Денот на Армијата на Република Македонија.

1994

14 јуни – Војската на СР Југославија влезе 250 метри на територијата на Република Македонија кај месноста Чупино Брдо, кај Крива Паланка. Се повлече на 2 јули 1994 година.

1995

7 јуни – Собранието на Република Македонија го донесе Законот за Воена академија на РМ (Сл. весник на РМ бр. 30 од 14 јуни 1995) 17 август – Во Скопје, во составот на весникот “Вечер”, излезе првиот број на “Армиски збор”, весник на Армијата на Република Македонија.

15 ноември – Република Македонија стана 27-та членка на мировната иницијатива на НАТО “Партнерството за мир”.

1996

1 февруари – Советот за безбедност на ООН го прифати предлогот на ООН од овој датум силите за превентивно распоредување на ОН – УНПРЕДЕП да станат целосно независна операција во Р. Македонија.

14 јуни – Во Брисел, во седиштето на НАТО, отворена е македонска канцеларија за врски.

14 јули – Единица на АРМ замина за Албанија, каде што учествуваше на мултинационалните воени маневри „Мировен орел ’96“. Тоа е прва вежба од таков вид на единица на АРМ.

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10