Воен оркестар

Воениот оркестар, во состав на баталјонот за Почести, е единствен професионален дувачки оркестар од ваков карактер во Република Македонија, чија мисија е учество во значајни протоколарни активности и свечености во организација на Армијата на Република Македонија и на највисоките државни институции во Република Македонија.

 

Првите почетоци на Воениот оркестар датираат од далечната 1944 година, кога во селото Голеш, битолско е формиран првиот Воен оркестар во рамките на седмата македонска ударна бригада. Во следните 48 години опстојува во рамките на поранешната ЈНА во состав на третата армиска област во Скопје и прераснува во голем дувачки оркестар со делување на целата територија на Република Македонија.

 

Во периодот од формирањето на Армијата на Република Македонија, претставителниот оркестар на АРМ продолжува со негување на традициите и надградување на истите. Низ континуирана цивилно воена соработка со локалните самоуправи реализирани се многубројни концерти во градовите на Република Македонија, како и повеќе самостојни концерти во главниот град на Република Македонија. Во текот на 2016 година беа реализирани настапи на Воениот оркестар во Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија, со што продолжи достојно да ја претставува Армијата на Република Македонија и на меѓународен план. 

 

Оркестарот изведува различни жанрови на музика од познати домашни и странски автори како што се: класична музика, поп музика, маршевска и многу други видови на дела.

 

 

 

                                                    Официјална ознака на Воениот оркестар