Историја:

Баталјонот за почести е заснован врз темелите на Првата Гардиска бригада која беше формирана по осамостојувањето на Република Македонија од самиот почеток на Армијата на Република Македонија на ден 26.03.1992 година во касарната „Илинден“. Со Уредба на Претседателот на Република Македонија за „Ден на баталјонот за Почести“ е одреден 11 ноември 1943 година како ледница која ги продолжува традициите на славната Прва македонско-косовска ударна бригада, и Првата македонска народноослободителна бригада.

 

Со ден 22.07.2002 година почна да функционира „Гардискиот баталјон за Почести и опслужување“, во чиј состав влегоа старешини со големо искуство стекнато во Првата Гардиска бригада. На 01.03.2006 година единицата се трансформираше во „баталјон за Почести и Опслужување“ и влезе во состав на Командата за логистичка поддршка. Со последната трансформација на АРМ, од 01.04.2012 година единицата доби ранг на самостоен баталјон, директно потчинет на Генералштабот на АРМ, со ново име „баталјон за Почести“, во состав: Команда и штаб,  прва и втора гардиска чета и воен оркестар.

 

Баталјонот за Почести се води по основните гардиски вредности: чест, храброст и посветеност - одлики на секој припадник на единицата. Честа како темел на гардискиот карактер, ги обврзува гардистите да постапуваат совесно и одговорно, да ги исполнуваат своите должности, прикажувајќи највисоки етички и морални вредности. Храброста е извор на психо-физичка и духовна сила која го води гардистот низ предизвикот на борбата, го крши стравот и го носи во победа. Посветеноста гардистот го води до професионализам, создава највисок ред на дисциплина за него и единицата, му влева верност кон армијата и татковината, и му дава решеност да постигне стандард на перфекција во секој потфат.

 

Во духот на основните вредности, гардистите  ја прикажуваат својата мотивираност со слоганот „Lux Aeterna“ што значи „Вечна Светлина“, како симбол на вечното македонско сонце и македонскиот непокор.

 

Баталјонот за почести денес постигнува квалитетно и професионално ниво во организирањето и изведувањето на борбената обука, при што се создадени пореални услови за постигнување на пропишаните норми и стандарди. На многубројни странски делегации и државници им се оддадени воени почести на највисоко професионално ниво. Припадниците на баталјонот го даваат првиот впечаток кој го стекнуваат странските делегации при нивниот пречек во нашата држава.

 

Да се биде припадник на баталјонот за почести во АРМ и да ја претставуваш Армијата и Република Македонија е посебна привилегија и чест.